Чуден потег на УЕФА: Повеќе пари за победникот во Лигата на конференции, отколку за освојувачот на ЛЕ

УЕФА направи чуден потег околу наградниот фонд за своите клупски натпреварувања во пресрет на сезоната 2021/22.

Имено, победникот во новиот турнир Лига на конференции, ќе добие 8,9 милиони евра, додека освојувачот на Лигата на Европа ќе добие 300.000 евра помалку. Што се однесува до победникот во Лигата на шампионите, ќе добие од 19 до 20 милиони евра.

Воедно се зголемени паричните награди за победи и ремија во ЛШ и ЛЕ, како и за пласманите.

За пласман во групите во ЛШ секој клуб добива по 15 милиони евра, што е за речиси 400.000 евра во однос на минатата сезона. За секоја победа се инкасира 2,8 милиони евра, за реми 930.000 евра. Пласман во нокаут фазата носи 9,6 милиони евра, за четвртфинале 10,6 милиони евра, 12,5 милиони евра за полуфинале, додека филистите ќе инкасираат по 15,5 милиони евра.

Наградниот фонд во Лигата на Европа е намален од 510 на 465 милиони евра, но бидејќи е креирана Лигата на конференции, наместо 48, овој награден фонд ќе го делат 32 екипи. Пласман во групите носи 3,63 милиони евра, за секоја победа во нив се добива 630.000 евра, односно 210.000 евра за секое реми. Секој лидер на групите дополнително ќе инкасира по 1,1 милиони евра.

Фондот за Лигата на конференции е 235 милиони евра. Речиси 3 милиони евра добива секој клуб за пласман во групната фаза. Секоја победа носи 500.000 евра, а секое реми 166.000 евра. За лидерите во групите се предвидени дополнителни 650.000 евра.

- Оглас -

Најнови вести