Барселона подготвува голема реконструкција на тимот на крајот од сезоната, а според шпанските медиуми, дури петмина играчи би можеле да го напуштат клубот ова лето.
Каталонскиот гигант во моментов има девет бода предност на врвот на Ла Лига и е на добар пат да ја освои нова титула пред Реал Мадрид. Сепак, новото разочарување во Лигата на шампионите, каде што беа елиминирани од Атлетико Мадрид, ги натера управата и тренерот Ханси Флик на сериозни промени.
Според пишувањето на „Марка“, неколку фудбалери го „завршиле својот циклус“ на „Камп Ноу“ и се очекува нивно заминување.
Еден од нив е Маркус Рашфорд, кој е на позајмица од Манчестер јунајтед. Иако Барселона има опција за откуп од околу 30 милиони евра, клубот наводно не е подготвен да ја активира клаузулата. Рашфорд оваа сезона има солиден учинок (12 гола и 13 асистенции), но преговорите со Јунајтед не донеле посакуван резултат.
Поради тоа, англискиот напаѓач би можел да се врати во матичниот клуб по летото, особено бидејќи Јунајтед сака да го намали буџетот за плати и да се ослободи од високите договори, вклучувајќи го и неговиот.
На излезната врата е и Роберт Левандовски, кому договорот му истекува ова лето. Искусниот полски интернационалец, кој пристигна од Баерн Минхен во 2022 година, се соочува со неизвесна иднина поради годините и сè почестите физички проблеми.
Барселона размислува и за продажба на Френки де Јонг за да го намали финансискиот притисок, со оглед на неговата висока плата.
На листата за можни заминувања се и Андреас Кристенсен, поранешен играч на Челзи, кому договорот му истекува и нема најави за продолжување, како и младиот Марк Касадо.
Касадо, иако има важечки договор, не успеа да се избори за поголема минутажа покрај конкуренцијата во средниот ред, која ја сочинуваат Педри, Ерик Гарсија и Гави, па и тој би можело да побара нова средина.
Сè на сè, на „Камп ноу“ се подготвува бурно лето со значајни промени во соблекувалната.

