Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, го изрази своето задоволство по минималната, но исклучително вредна победа од 1:0 над Барнли. Успехот се покажа како клучен во борбата за титулата во Премиер лигата, при што Граѓаните се израмнија по бодови со Арсенал и привремено избија на врвот на табелата поради подобра гол-разлика.
Шпанскиот стратег призна дека неговиот тим силно го започнал натпреварот, но потоа имал осцилации во одбраната по раниот гол.
„Постигнавме гол рано и по иницијативата што ја имавме 10–15 минути, кога создадовме две или три шанси, се браневме навистина лошо, но освен тоа, игравме добро“.
Тренерот призна дека и покрај контролата врз натпреварот, исходот можел да биде поинаков.
„Со начинот на којшто игравме можевме да одиграме нерешено. Но, натпреварот беше добро одигран. Главната цел е да победуваме“.
Тренерот зборуваше и за решавачката фаза од сезоната, во која секој натпревар има тежина на финале.
„Остануваат пет натпревари, тоа е Премиер лигата. Пет натпревари, а во сабота нè чека полуфинале од ФА купот. Потоа ќе се подготвуваме за следните средби. Имаме голема шанса да одиграме четири последователни финалиња. Можеби ќе мора да направиме промени. На крајот бевме малку уморни, но сме подготвени“, истакна Каталонецот.

