Чудесниот последен меч во кариерата на Фергусон (Видео)

Манчестер јунајтед веќе седум сезони сонува за освојување на титулата во Премиер лигата. Најтрофејниот клуб во англиското првенство никако не може да се вклопи во шампионската патека и тоа откако од клупата си замина легендарниот Сер Алекс Фергусон.

Шкотскиот стратег цели 27 години беше предводник на тимот од „Олд Трафорд“, период во кој успеа да ги освои сите најзначајни трофеи во светскиот фудбал. Манчестер дури 13 пати беше првак на Англија, а се редеа трофеи и во ФА купот, Лига купот, Комјунити шилд, Лигата на шампионите, Купот на победниците на куповите, Суперкупот на Европа, Интерконтиненталниот куп, како и Светското клупско првенство на ФИФА.

Магијата на Фергусон во Манчестер траеше до 19 мај 2013 година. Тоа е датумот кога Сер Алекс по јубилеен 1.500-ти пат седна на клупата како предводник на Црвените ѓаволи, а потоа замина во пензија. Манчестер како шампион отпатува на гостувањето кај Вест Бромвич албион и се знаеше дека тоа треба да биде посебен меч без многу тензија.

Манчестер одлично започна и поведе со 3:0 уште во првото полувреме, но ВБА не се предаде. Домаќините намалија на 2:3, но следуваа два нови гола за гостите за 2:5. Дека шоуто тука не е завршено, се погрижи Ромелу Лукаку, кој тогаш го носеше дресот на ВБА. Домаќините на неверојатен начин стигнаа до 5:5, но тоа не го наруши славењето на Сер Алекс Фергусон ,кој замина кај навивачите на Манчестер и за последен пат се поклони пред нив, покажувајќи дека неговата претстава е завршена.

Фергусон ќе се памти како најтрофејниот тренер во историјата на Велика Британија кој во кариерата имаше 895 победи, 338 нерешени и само 267 порази. Тешко дека некогаш во Манчестер јунајтед ќе се појави човек каков што беше Сер Алекс Фергусон.

 

- Оглас -

Најнови вести