Чудото е реалност: Вардар повторно е европски првак !!!

Вардар е новиот европски првак. Македонскиот првак го повтори успехот од пред две години и по вторпат е на тронот на ракометната Европа. Во финалето, во арената во Келн, „црвено-црните“ по голема борба го победија Веспрем со 27:24.

Вардар прв даде гол, а потоа Веспрем стигна до првото и засега единствено водство од 2:1. „Црвено-црните“ потоа дадоа два гола во низа за 3:2 и до полувремето не ја испуштија предноста.

За првпат Вардар дојде на три гола предност во 14-тата минута, кога беше 8:5, а пет минути подоцна македонскиот првак стигна и до 11:7. До овој период, Мораеш даде четири гола, а вкупно седуммина Вардарци се запишаа во листата на стрелците.

И по 23 минути беше 13:10, а потоа Вардар со серија од 3:0 стигна до највисоки шест разлика (16:10) во 28-мата минута.

Освен играчите на теренот, блескаат и навивачите на трибините во арената во Келн.

Вториот дел започна со гол на Вардар (17:11), но потоа следи серија на Веспрем од 5:0 до 17:16 во 40-тата минута. Тренерот Парондо побара тајмаут, а потоа постот од 9 минути без гол на Вардар го прекина Мораеш со погодок во 41-вата минута, потоа погоди и Карачиќ за 19:16. На 15 минути до крајот, Вардар имаше предност од 20:18.

Веспрем повторно стигна на еден гол (20:19) и беше јасно дека ќе има драматична завршница. За 20 минути во вториот дел, Вардар имаше дадено само шест гола, но и тоа беше доволно за во последните 10 минути да има предност од два гола (22:20). Потоа Криштопанс погоди за 23:20 за Вардар само на осум минути до крајот.

Во последните пет минути се влезе со предност на Вардар од 24:23, а потоа погоди Криштопанс, а голманот Дејан Милосавлјев на спротивната страна ја забележа седмата одбрана.Чупиќ погоди за 26:23 на помалку од две минути до крајот.

На крајот ќе остане запишано дека Мораеш даде шест гола, пет пати погоди Чупиќ, а во листата на стрелците за Вардар се запишаа и: Криштопанс 4, Дибиров 3, Скубе 3, Карачиќ 3, Стоилов 2 и Шишкарев со еден гол.

 

 

- Оглас -

Најнови вести