Вардар синоќа славеше на гостувањето во Битоа против најголемиот ривал Пелистер со 27:22 и на тој начин направи огромен чекор до освојување на титулата во домашното првенство. Огромна предност имаат Црвено-црните и само чудо може да се случи пехарот да пристигне во витрините во салата „Јане Сандански“.
По оваа победа над Пелистер, тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, сега може „полесно да дише“ и, секако, поголем фокус да посвети на дуелите од Европската лига, каде што Црвено-црните имаат обезбедено место во четвртфиналето. Хрватскиот стратег во изјава за хрватски „Спортски новости“ откри дел од плановите на клубот и за следната сезона.
„Не криеме дека нашата главна цел е Вардар да го вратиме во Лигата на шампионите, каде што не играл веќе четири години. Ги имаме поставено нашите цели. Бараме уште две засилувања. Ако успееме во тоа, ќе биде одлично. На крајот од сезоната ќе замине Хориха, но ќе дојде Лјевар. Веќе се приклучија Воркапиќ и Силва, и тоа побрзо од очекувањата затоа што останавме без Талевски и Борозан. Ќе дојде и Бомоштар, за останатите ќе видиме“, рече Чупиќ.
Вардар во групната фаза од Европската лига заврши на првото место и тоа донесе директен пласман во четвртфиналето. Во домашното првенство Вардар е лидер со 46 бода, пред екипите на Еурофарм Пелистер и Охрид, кои имаат по 40 бода, додека четврти е Алкалоид со 36 бода.

