Чурлинов: Со верба во нас до победа над Украина

Дарко Чурлинов е еден од помладите во репрезентацијата предводена од Игор Ангеловски кој трпеливо чека шанса и тој да запише настап на Европското првенство кое е историско за Македонија.

Чурлинов вели дека е максимално подготвен да ѝ помогне на својата селекција доколку му се укаже шанса, а до победа над Украина ќе се стигне само со верба во тимот.

„Пресреќен сум што имам можност да бидам дел од ова историско ЕП за нас. Атмосферата во тимот е одлична. Нормално е да има еуфорија бидејќи за нас ова е прво ЕП, но кога тренираме, го правиме тоа со максимална концентрација и на високо ниво. Не е важно кој ќе даде гол, важно е да издвоиме позитивен резултат. Јас сум подготвен да ѝ помогнам на Македонија, а дали ќе добијам шанса, не зависи од мене. Против Украина ќе победиме само со верба во нас. Треба да влеземе во мечот со 100% фокус и да ја играме нашата игра“, истакна Чурлинов.

Македонија вториот дуел од групната фаза го игра на 17 јуни против Украина, на Националната арена во Букурешт, со почеток на мечот од 15 часот.

- Оглас -

Најнови вести