Дарко Чурлинов конечно доби шанса да игра по пауза од речиси три месеци и како резерва од 78-мата минута влезе во игра за Штутгарт на дербито против Хамбургер, а неговиот тим конечно победи.
Мечот беше возбудлив и заврши со триумф на домаќините од 3:2. Победнички беше голот на Кастро во 92-рата минута, точно 14 минути откако Чурлинов влезе на терен. Ова е добра вест и за него и за макфудбалот, кој очекува многу од единствениот наш фудбалер што настапува во еден од двата најсилни фудбалски ранга во Германија.
Хамбургер поведе со 2:0 по првиот дел со головите на Похјанпало и на Хант од пенал, а домаќините само за 14 минути брзо израмнија во вториот дел со головите на Ендо во 47-мата и на Нико Гонзалес во 61-вата минута од пенал. Кастро успеа со погодок во последните моменти да ја разбие серијата од четири меча без победа и да се пробие на второто место во Цвајта. Последниот меч пред настапот на денешното дерби за Чурлинов беше на 29-ти февруари против Гројтер Фирт.
Штутгарт по победата во дербито на 28-мото коло има 48 бода. До крајот има уште шест рунди и на тимот на Чурлинов му треба да остане на втората позиција за да се пласира директно во Бундеслигата. Лидер е Арминија Билефелд со 53 бода.
Двете првопласирани екипи ќе се преселат во највисок ранг на натпревари, а третопласираната ќе игра бараж против третата најслаба екипа во Бундеслигата за место во елитата од идната сезона.