Да не бев фудбалер, ќе работев на бензинска пумпа!

„Принцот од Рим“, како што го нарекуваат Франческо Тоти, даде интересно интервју во кое најголемата легенда на Рома посака „да му се стемни“ на Лацио, а кажа и дека да не бил фудбалер, веројатно ќе работел на бензинска пумпа.

Тоти целата кариера како играч ја мина во Рома, а незаборавно искуство му беше и титулата светски првак со Италија во 2006 година. На 19 февруари таа година, Тоти ја скрши ногата, оштетени му биле лигаментите, и мислел дека нема да игра на Мундијалот, но закрепна и од националниот тим се повлече како шампион.

По одлуката да ја заврши кариерата, Тоти имал понуда од Сампдорија, но сакал да остане запаметен како некој што цела кариера играл само за еден клуб. Даниеле Де Роси не направи како Тоти и после Рома, заигра за Бока јуниорс.

„Го почитувам тоа што Даниеле го направи. Јас бев скептичен, од една страна ми се играше, чувствував дека можам уште, но немаше многу работи да се сменат, и од друга страна не сакав да играм на друго место и да го избришам тоа што дотогаш го имав направено. Сампдорија ме сакаше по секоја цена“ – изјави Тоти.

Интересно е што тој ако не бил фудбалер немало да се занимава со друг спорт.

„Ги сакам сите спортови. Добар сум во веслање, пред тоа играв тенис. Да не бев спортист, ќе работев на бензинска пумпа. Го сакам мирисот на бензинот. И денеска кога одам на бензинска, се задржувам малку подолго од потребното“ – вели Франческо, кој поради љубовта кон Рома, не може да го смисли Лацио.

„Моето најголемо ривалство со играч на Лацио беше со Неста со кој имавме одличен однос вон теренот. Близок сум со Симоне Инѕаги, би бил среќен ако успее како тренер, но со некоја друга екипа. Се надевам дека некој ќе ги запре на патот кон титулата. Се надевам дека на Лацио ќе му се случи помрачување во некој момент“ – заклучи Тоти со насмевка на лицето.

- Оглас -

Најнови вести