Јувентус, по сите изгледи, ќе го добие потписот на Един Џеко, голгетерот на Рома, откако двете страни се согласија на трансфер вреден 15 милиони евра. Босанскиот дијамант ќе заработува 7,5 милиони евра по сезона, а преселбата на Џеко во Торино ќе му овозможи на Аркадјуш Милик да се пресели на „Олимпико“.
Рома прво ќе го позајми полскиот напаѓач на Наполи со обврска да го откупи за 18 милиони евра, од кои 7 милиони евра се предвидени во бонуси. Наполи воедно ќе добие двајца младински фудбалери на Рома, заедно со парите кои ќе ги заработи од трансферот на Милик.
Милик беше тој кој кочеше да се случи домино-ефект, но неговиот агент вчера ги договорил условите со Римската волчица. За денес се закажани медицински прегледи на двајцата напаѓачи и најверојатно трансферите ќе се официјализираат пред стартот на премиерното коло во Серија А.