Оваа недела ќе започне олабавувањето на рестриктивните мерки кои речиси две месеци беа во сила поради пандемијата од корона-вирусот. Министерот за здравство, Венко Филипче, најави постепено враќање на животот во нормала, а една од мерките е да се дозволи отворање шалтерски систем на обложувалниците.
„Состојбата во земјата е оценета како стабилна и согласно тоа комисијата за заразни болести преку Министерството за здравство до Владата ќе го достави предлогот за олабавување на рестриктивните мерки и тој предлог-план предвидува во оваа недела да се отворат и да се вратат во функција центрите за едукација, обука, семинари на возрасни, организација на седници на органи за управување, автошколи, испитни центри, спортски тренинзи на отворено за индивидувални спортови, тенис, спортски и други обложувалници преку шалтер без угостителска дејност и затворени трговски центри“, изјави министерот Филипче на денешната прес-конференција, додавајќи дека постепено треба да се врати животот во нормала.
Во најголем дел од Европа е најавено дека ќе продолжат фудбалските првенства. Од топ 5 лигите во Европа, рестарт први ќе направат Германците, а Бундеслигата ќе продолжи на 16 мај.