Далас и Дончиќ им се вратија на победите (Видео)

Кошаркарите на Далас маверикс се вратија на победичките патеки откако неодамна загубија од Денвер нагетс и во возбудлив натпревар го совладаа Шарлот хорнетс со 124:118.

Лука Дончиќ е најзаслужен што Далас успеа да се врати по негатива од 15 поени од првото полувреме и со помош на Кајри Ирвинг режираа пресврт во второто полувреме.

Дончиќ одигра очајно во првата четвртина, мечот го заврши со 23 поени, 12 скока и девет асистенции, додека Ирвинг имаше 18 поени и 12 скока.

Двајцата кошаркари на Далас го засенија учинокот на Ламело Бол од 30 поени, 13 асистенции и 10 скока, со кој стана првиот кошаркар во дресот на Шарлот кој дошол до 10 трипл-дабл учиноци.

Ламело беше одличен во последната четвртина, во која постигна дури 23 поени, но неговиот тим пропушти можност на 8,4 секунди до крајот да израмни, по што Ирвинг од линијата за слободни фрлања погоди за 120:116 и ги реши дилемите околу победникот.

Донован Мичел и Дариус Гарланд го предводеа Кливленд кавалирс до победа над Голден стејт вориорс од 115:104. Милел постигна 31 поен, а Гарланд 24, додека кај Воините најдобар беше Стеф Кари со 28 поени.

Екипата на Мемфис гризлис дури со седмиот меч дојде до првата победа сезонава откако утринава со 112:100 го совлада Портланд. Во отсуство на суспендираниот Џа Морант, Дезмонд Бејн е главен играч кај Мемфис постигнувајќи 30 поени, а одлична партија одигра и Џарен Џексон јуниор со 27 поени.

- Оглас -

Најнови вести