Репрезентацијата на Данска размислува да се повлече од Светското првенство во Катар, а причина е загрозување на правото на слободно изразување и поддршка на ЛГБТ заедницата.
Данците објавија шокантна информација дека веќе контактирале со УЕФА за да побараат поддршка и велат дека можат сами да се исклучат од членство во ФИФА.
„Тоа не е одлука што ја донесовме сега, туку за неа размислуваме веќе подолго време. Ние во Скандинавија веќе разговаравме на оваа тема во август. Данска може самата да истапи од членство во ФИФА бидејќи таа веќе не личи на Светска куќа на фудбалот што обединува. Џани Инфантино нема поддршка од нас“, соопштија Данците.
Ова би бил радикален потег, а Данците веќе одиграа еден меч на Мундијалот и ремизираа без голови со Тунис.
ФИФА им забрани на капитените на 7 земји учеснички во Катар да носат капитенска лента со боите на виножитото, што е симбол на ЛГБТ заедницата, а објавија дека ако тоа се случи, ќе се доделува жолт картон.