Дали ќе се обложите на црвено или на сино во манчестерскиот „рулет“?

Манчестер јунајтед и Манчестер сити вечерва на „Олд Трафорд“ може да навестат кој ќе биде шампион во Премиер лигата за оваа сезона. Како никогаш досега, фановите на Ливерпул со цело срце ќе бидат за „црвените ѓаволи“ на кои победата им треба во трката за место во Лигата на шампионите.

Но, ако ги прашате навивачите на Јунајтед, тие преферираат Сити да биде првак, а не Ливерпул и тоа би значело дека нема да се лутат многу ако вечерва од 21 часот нивниот омилен тим загуби во градското дерби.

По дебаклот кај Евертон, екипата на тренерот Солскјер сака да се извади, но задачата ќе биде тешка бидејќи противник е еден од најсилните тимови во Европа.

„Ова е одлична прилика за нас, подобар ривал во моментов и не можевме да си посакаме. Играчите се ранети, ги боли поразот од Евертон и затоа дуелот со Сити е во идеален момент. Мотивацијата ќе биде огромна“, изјави Норвежанецот Солскјер.

Гвардиола мисли дека не е лесно да се гостува на „Олф Трафорд“, но сепак е убаво место и овој меч го гледаат како еден од четирите кои мора да ги добијат ако сакаат втора сезона по ред да бидат прваци.

Кај домашните се враќа Лук Шоу, а неизвесен е Фил Џонс. Кај гостите ќе го нема Кевин де Бројне.

ОВА Е 160-ТИ МЕЃУСЕБЕН ДУЕЛ, ГВАРДИОЛА МОЖЕ ДА ВЛЕЗЕ ВО ИСТОРИЈАТА

Двата тима од Манчестер досега во Премиер лигата имале 159 меѓусебни дуели, па овој вечерашниот е и јубилеен, 160-ти. Јунајтед има 62 победи, 51 пат играле нерешено, но Сити има само еден пораз на последните седум лигашки гостувања на „Театарот на соништата“. Со Гвардиола на клупата, „граѓаните“ двапати победија со по 2-1. Но, ниту еден менаџер досега во Премиер лигата не успеал три сезони по ред да го победи Јунајтед на негов стадион (две победи по ред имаат Гвардиола, Сем Алардајс и Роналд Куман).

Јунајтед од 1999 година е единствениот англиски тим со тројна титула, а сега Сити има прилика за такво нешто. Споредбите на тогашниот Јунајтед и сегашниот Сити можеби не држат вода бидејќи тимот на Гвардиола допрва (во наредните шест меча) треба да се обиде да освои три трофеи. Инаку, за потсетување, во таа 1999 година Манчестер сити беше третолигаш.

- Оглас -

Најнови вести