Даниел Георгиевски го најави „Дербито на Сиднеј“ што ќе го гледаат милиони луѓе

Даниел Георгиевски ќе биде во фокусот утре, во големото дерби на Сиднеј меѓу неговиот клуб Вестерн Сиднеј вондерерс и ФЦ Сиднеј, меч што ќе го гледаат милиони гледачи на ТВ-екраните.

Дуелот што се игра рано наутро од 9.30 часот ќе биде интересен бидејќи ќе го пренесуваат неколку моќни светски бродкастери, а и моментот му оди во прилог на сиднејското дерби бидејќи не се игра фудбал во повеќето земји на планетата.

„Штета што ќе играме без публика. Не постојат зборови со кои може да се опише атмосферата на дербито. Вака ќе биде потешко да се игра, но охрабрува што ќе бидеме во фокусот во многу земји што ретко следат австралиски фудбал“, вели нашиот поранешен репрезентативец.

Десниот бек на Вондерерс се враќа во вистински момент за големото дерби откако паузираше на два меча поради исклучување токму на дуел против големиот градски ривал Сиднеј пред три кола.

Сега го најавуваат како еден од најинтересните играчи на дербито, што е најавено како главен фудбалски настан не само во Австралија.

Мечот ќе го пренесува „Спорт Италија“ со италијански коментатор, а се проценува дека сигналот ќе оди во домовите на околу 25 милиони жители на Чизмата.

ЕСПН исто така ќе оди во живо за подрачјето на САД, популарниот Беин спорт ќе го пренесува дербито за големиот азиски пазар, а мечот ќе може да се гледа и на Јутјуб канал и тоа бесплатно во земји што немаат откупено ТВ-права за преноси на дуелите од австралиското првенство.

- Оглас -

Најнови вести