Данска е недопирлива во светскиот ракомет, Франција во финалето ниту еднаш не успеа ни да има водство

Данска ја потврди доминацијата во светскиот ракомет, откако трет пат во низа триуфмираше на планетарниот собир. Во денешното финале во Стокхолм, Данска со 34:29 славеше над Франција. Ваква доминација во тимски спортови на светско ниво претходно имала само хокеј селекцијата на СССР која три пати по ред беше светски првак и тоа во далечните 1957, 1958, 1959 година.

Од самиот почеток на финалето Данците покажаа дека се решени да го задржат светскиот трон во нивна сопственост. Поведоа со 1:0, а потоа имаа предност од 4:1 и 6:2. Најголемата предност во првиот дел Данците ја имаа кога поведоа со 12:7. Во последните 10 минути од првиот дел Французите „се разбудија“, па негатвиат од 10:14 на полувремето ја доведоа само на еден гол кога беше 15:16.

На почетокот на второто полувреме Франција израмни на 16:16 и 17:17, но потоа Данска со мини серија од 3:0 повторно стигна до солидна предност. Од тој момент па се до крајот, Данците постојано водеа. Во 50 минута имаа предност од 28:25, а на пет минути до крајот беше 31:27, па беше јасно кој ќе биде првак.

Бронзениот медал го освои Шпанија која во борба за третото место беше подобра од домаќинот Шведска со 39:36. На ова Светско првенство учествуваше и Македонија, која на крајот заврши на 27 место од 32-те селекции кои беа дел од овој планетарен собир.

- Оглас -

Најнови вести