Данска ита кон трето мундијалско финале по ред

Ракометната репрезентација на Данска има предност од пет гола (15:10) против Шпанија по првото полувреме од првото полуфинале на Светското првенство што се игра во Полска и Шведска и тоа благодарение на голманот на Данска, Никлас Ландин кој за 30 минути собра 10 одбрани.

Данците кои триумфираа на последните две Светски првенства, одлично го започнаа натпреварот и преку Саугструп поведоа со 2:0. Фуријата успеа да возврати со два гола преку Перез и Фигуерас, по што следеше период од пет минути во кои се играше гол за гол.

Во деветтата минута, Данска по серијата од 3:0 поведе со 7:4, а благодарение на одличниот голман Никлас Ландин кој дотогаш имаше дури седум одбрани, на половина од полувремето предноста се зголеми на четири гола (9:5).

До крајот на полувремето, Данците ја контролираа играта, но Фуријата не се предаваше и во 26-та минута имаше шанса да дојде до минус еден, но погреши во нападот, по што казната дојде од Микел Хансен кој погоди за плус три за Данска.

Во последните минути Данците постигнаа уште два гола и на одмор заминаа со предност од 15:10.

 

- Оглас -

Најнови вести