Дански кошмар: Корнелиус вторпат сезонава оствари хет-трик против Џенова и Пандев

Андреас Корнелиус, напаѓачот на Парма, стана кошмар за Горан Пандев и Џенова. Данскиот голгетер вторпат сезонава запиша хет-трик против екипата од „Луиџи Ферарис“, вечерва постигна три гола од четирите во триумфот од 4-1 за Парма.

Благодарение на Корнелиус, гостите имаа убедливи 3-0 до 53-тата минута, а неколку минути подоцна Пандев го напушти теренот отстапувајќи му го местото на Пинамонти. Џенова намали на 1-3 со погодокот на Фалке од пенал, а во финишот од средбата во листата стрелци се запиша и Дејан Кулушевски. Швеѓанецот со македонско потекло му асистираше токму Корнелиус.

Инаку Корнелиус постигна три гола против Џенова во октомври минатата година, во победата од 5-1 во корист за Парма, а интересно е што на тој меч Кулушевски исто така реализира погодок во финишот од средбата.

По овој пораз, на Џенова ѝ виси опстанокот, со 25 бода стои на 17-тата позиција на табелата, исто толку има и Лече, додека Парма е на седмото место со 39 бода заедно со Милан.

Исто како и Пандев, и вториот македонски претставник во Серија А претрпе пораз вечерва. Илија Несторовски со неговиот Удинезе загуби со минимални 1-0 на гостувањето кај Торино, меч во којшто Нестор играше до 55-тата минута.

- Оглас -

Најнови вести