Данците не се од оваа планета: Ја декласираа Норвешка за прво светско злато

Данска буквално ја декласираше Норвешка во финалето од ракометниот Мундијал со конечни 31-22. Ова е прва светска титула за Данците, кои до златниот медал стигнаа без пораз, поточно со 10 последователни победи. Домаќините пред преполната сала во Хернинг покажаа вонземски ракомет, па уште по првите 30 минути имаа висока преднос од седум гола.

Неизвесноста траеше само неколку минути од почетокот на финалето, а потоа Данска со серија од 4-1 за првпат се одлепи резултатски од противникот, а во тие моменти го најавија и дебаклот. Со исто темпо продолжија и во второто полувреме, Данците немаа намера да застанат, во еден момент имаа и највисоки +11, но Норвешка до крајот се избори да не биде поразот до толку срамен.

Микел Хансен во улога на лидер реализираше седум гола од 12 обиди, додека кај Норвежаните најрасположен беше Јондал со девет погодоци.

Данска со освојувањето на историската прва светска титула обезбеди директно учество на следните ОИ кои ќе се одржат во Токио во 2020 година, каде што ќе имаат шанса да го бранат златниот медал освоен во Рио 2016 година.

 

- Оглас -

Најнови вести