Дарио Ивановски на маратонот во Ротердам го оствари третото најдобро време во кариерата

Најдобриот македонски маратонец, Дарио Ивановски, не успеа според резултатите да обезбеди норма за Олимписките игри во Париз, иако на денешниот маратон во Ротердам, Холандија, го имаше третото најдобро време во кариерата.

Ивановски маратонот во Ротердам фо истрча за два часа, 14 минути и 46 секунди, но не успеа да освои доволно бодови кои ќе го сместеа меѓу 80-те најдобри маратонци на светот кои обезбедуваат олимписка норма.

За такво нешто, според тренерот Игор Јакимовски, Ивановски требаше да истрча за четири минути подобро од сегашното време.
„Дарио Ивановски, Македонија  02 . 14 . 46. Трет најбрз маратон за Дарио во неговата професионална кариера. Нашиот херој денес го трчаше својот 10-ти јубилеен маратон и го даде својот максимум за што подобар резултат. Во борба со незгодниот ветер и доцниот старт во 10.00 часот денес тоа беше максимумот од него. Дефинитивно Дарио изгина на три неверојатни маратони за сите нас, за мајка Македонија и нема што да му се замери на нашиот шампион. Јавно му се поклонувам за се што направи денес, вчера, лани, цели 10 години. Продолжуваме со високо крената глава.
Поздрав од Дарио и МС до цела Македонија“, напиша неговиот тренер Игор Јакимовски, на Фејсбук.

Ивановски сè уште има шанса да настапи на Олимписките игри во Париз кои ќе се одржат летово. Тој може да се најде на Игрите во Париз ако оствари најдобар национален резултат без норма и ранкинг/квота од следните дисциплини – 100м, 800м и маратон.

„Тука Дарио моментално е далеку најдобар, но ние во духот на спортското џентлменство и ферплеј однос кон конкуренцијата, спортски им даваме поддршка на сите национални репрезенти да и тие веруваат во својот олимписки сон и да го постигнат својот посакуван резултат. Со среќа на Дарио и на сите наши атлетичари/ки и да даде Господ во иднина да имаме многу норми и пласмани за сите големи натпреварувања. Впрочем сите сме амбасадори на својата татковина и заедно го градиме имиџот на нашата татковина на вистински начин“, објаснува Јакимовски.

- Оглас -

Најнови вести