Дарко Велковски: Македонија е во транс, конечно се израдувавме на пласман на ЕП

Дарко Велковски беше важна алка од челичната одбрана на Македонија во целиот циклус на Лигата на Нации и особено на финалниот меч за пласман на ЕП во Тбилиси против Грузија, а сега вели дека со нетрпение го очекува стартот на континенталниот шампионат во јуни идната година.

„Потрошивме и сила и емоции, но кога ќе видиш дека цела држава е на нозе по историскиот успех и пораките и честитките што ги добиваме, тогаш ти станува јасно колку е голем успехот. Цела Македонија со огромна страст и радост реагира на пласманот на прво Европско првенство во фудбал во сениорска конкуренција. Конечно дочекавме и сега едвај чекам да почнат натпреварите“, вели Велковски за „Индекс“.

Играчот на Риека беше член на златната младинска генерација на македонски фудбалери што го проби мразот со историски настап на ЕП во Полска пред три години, а сега го заокружи успехот со пласман на континентален шампионат во сениорска кионкуренција. Играше и за Вардар во првиот настап на македонска екипа во фаза по групи во Европа Лигата, во истата 2017 година, а и со Риека игра во истото натпреварување во циклусот што трае.

Успеси што се за почит, а Даре вели дека за се треба и квалитет и малку среќа.

„Велат дека ни беше полесен патот до ЕП од Д сегментот, но секако мораш да победуваш во континуитет и да бидеш шампион за да играш на Европско првенство. Имавме квалитет, малку и среќа и успеавме. Овие три години се незаборавни за мене. Играв за младата репрезентација на Македонија на ЕП во Полска за фудбалери до 21 година, потоа со Вардар во Европа Лигата и сега сум дел од А селекцијата на мојата земја што ќе игра на ЕП, а и со Риека играм во Европа Лигата. Посакувам успесите и мои лични и клупски и со репрезентацијата само да продолжат и понатаму“, додаде Велковски.

Македонија ќе дебитира на ЕП со дуелот против Австрија на 13. јуни во Букурешт од 18 часот, потоа ни следи меч против Украина на 17. јуни на истото место од 15 часот, а за крај на на натпреварите во Ц групата ќе се преселиме во Амстердам, каде на 21. јуни ќе и излеземе на мегдан на моќната Холандија.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести