Селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Јорданчо Давитков, денеска полни 55 години. Предводникот на националниот тим денеска со своите пулени ќе одржи тренинг во Скопје, а потоа екипата заминува за Приштина, каде што утревечер од 20.30 часот ќе игра со Косово во првото коло од втората претквалификациска фаза за Евробаскетот 2021.
Давитков, кој е роден пред 55 години во Кочани, сигурно како подарок ќе сака победа на утрешниот меч, а со тоа и би ѝ се отвориле вратите на Македонија да избега од европското дно и да се пласира во квалификациите за ЕП.
Косово е наш должник од минатата година, кога не успеавме да се пласираме во квалификациите за ЕП 2019, па Давитков и кошаркарите ќе имаат големи мотиви да ја поправат таа „грешка“ и овојпат да се вратат како победници од „Палатата на млади и спорт“ во главниот град на Косово.
Македонските кошаркари овојпат се во посилен состав, Давитков ги има речиси сите на коишто сметаше во подготвителниот период, голем плус е присуството на центарот Ричард Хендрикс, но Косово ќе го има „шестиот играч“, публиката која сигурно ќе ги исполни трибините.