Де Бројне до Англичаните: Имате потенцијал за европска или светска титула

Вечерва на „Вембли“, во натпревар од Лигата на нации, Англија ја пречекува Белгија во дуел помеѓу четвртата и првата селекција на ФИФА ранг листата, а најголемата ѕвезда во гостинскиот тим е фудбалер кој настапува во англиската Премиерлига и одлично го познава противникот.

Во отсуство на Еден Азар и Дрис Мертенс, Белгијците во Кевин Де Бројне гледаат лидер на Ѓаволите. Тој пак, верува дека англиската репрезентација има потенцијал да го освои Европското првенство следната година или Светското во Катар во декември 2022 година. Англија уште од 1966 година чека на голем трофеј во репрезентативниот фудбал.

„Англија има млад тим со голем потенцијал. Мислам дека може да се борат за титула на следното ЕП и СП. Со овие играчи кои ги имаат, треба да се обидат. Ќе биде интересно вечерва“ – изјави Де Бројне, чија селекција двапати ја победуваше Англија на Мундијалот во Русија пред две години.

Англискиот репрезентативец Хари Кејн се повреди на тренинг, но селекторот Герет Саутгејт процени дека повредата не е сериозна и Кејн ќе биде во комбинација за настап, само не се знае дали како стартер или ќе биде резерва.

- Оглас -

Најнови вести