Селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, вели дека неговата селекција не е фаворит на утрешното финале на ЕВРО 2024 против Англија, иако импресионираше со своите настапи од почетокот на турнирот. Сепак, според него, тоа не гарантира ништо во борбата за титулата.
„Утре нема фаворит. Штом овие два тима стигнале до финалето, значи тие се најдобрите на турнирот. Во никој случај ние не сме фаворитите“, изјави Де ла Фуенте на прес-конференцијата во Берлин.
„Дуелот ќе биде решен од мали детали. Кој ќе направи помалку грешки, ќе победи. Ние се концентрираме на тоа како да ги контролираме натпреварите. Ако не сме целосно концентрирани, немаме многу шанси да стигнеме до пехарот“, истакна шпанскиот селектор.