Дејан Савичевиќ како „засилување“ за Црна Гора пред клучниот дуел

Претседателот на Фудбалската федерација на Црна Гора, Дејан Савичевиќ, дојде во посета на ракометната репрезентација, која е дел од Европското првенство. Црна Гора е најпријатното изненадување на турнирот и уште има теоретски шанси за пласман во полуфиналето.

Црногорците вечерва играат против апсолутниот фаворит Франција, а доколку направат чудо, во последното коло може директно во дуел со Исланд да решаваат за место во полуфиналето. Савичевиќ, кој се дружеше со ракометарите, веќе ги нарече херои.

„Кога тргнавте на ова ЕП, веќе бевте прежалени. Сепак, вие покажавте волја, желба и квалитет да направите нешто посебно што ќе остане забележано во историјата на црногорскиот ракомет. Како и да завршат последните два меча, вие веќе сте наши херои. Со резултатите коишто ги направивте досега, тоа и го заслуживте“, рече Савичевиќ, кој ги посети ракометарите во Будимпешта.

Во останатите два меча од Група 1, Данска игра против Холандија и доколку Данците победат, тие ќе бидат првиот сигурен патник во полуфиналето. Исланд игра многу значаен меч против Хрватска затоа што со победа Рибарите ќе бидат блиску до второто место во групата. Хрватите се последни во групата без ниту еден освоен бод.

- Оглас -

Најнови вести