Вистински шок кај светската фудбалска јавност предизвика информацијата дека Реал Мадрид нема да настапи на Светското клупско првенство во САД следната година. Сепак, Карло Анчелоти вели дека неговата изјава е извртена, а официјален демант стигна и од Кралскиот клуб.
„Во ниту еден момент не е доведено во прашање учеството на Реал Мадрид на новото Светско клупско првенство, кое ќе го организира ФИФА следната година. Нашиот клуб ќе се натпреварува според планот, а во натпреварувањето влегуваме со гордост и ентузијазам да ги направиме среќни нашите фанови ширум светот и да се радуваат на нова титула“, се вели во соопштението на Реал Мадрид.