Светското училишно првенство во ракомет кое се игра во Скопје денеска ја доживува својата кулминација со финалните мечеви на кои ќе играат македонските репрезентации и во машка и во женска конкуренција. Ова може да биде историски ден за македонскиот ракомет и спорт воопшто, блиску сме до освојување на две светски титули, и тоа на домашен терен.
Финалните дуели ќе се играат во големата сала на СЦ „Јане Сандански“, што му дава дополнителна тежина на настанот и на трибините може да ги собере сите кои сакаат да навиваат за Македонија. Влезот е бесплатен.
Од 14 часот женската селекција на Македонија игра финале со Хрватска. Двата тима ги добија сите мечеви досега и заслужено се во финалето. Веруваме дека тимот на Даниела Новеска-Вељаноска ќе биде подобар и ќе слави по финалето во ова натпреварување на кое учествуваа 20 земји. Во мечот за трето место ќе играат Турција и Романија.
„Среќни сме што ќе играме финале, и тоа на домашен терен. Нам одамна ни беше потребен еден ваков модул на натпреварување какво што е ова Светско училишно првенство за ракомет. Девојките се мотивирани, очекуваме успех, затоа и сме дојдени тука. Како што кажав и претходно, овие натпревари се добредојдени за оваа репрезентација. На полуфиналниот дуел со Турција успеавме да останеме стабилни, од минута во минута ја подигнавме формата, во второ полувреме беше прашање само крајниот резултат. Денешниот против Хрватска исто така ќе биде драматичен, во изминатите денови не ги искористија сите расположливи сили иако во својот состав имаат квалитетни репрезентативки. Наше е да се бориме, се надеваме дека уште еднаш ќе ја израдуваме нацијата“, изјави селекторката Даниела Новеска Вељаноска.
Два часа подоцна, од 16, машките македонски кадети играат за злато против Израел, додека за трето место ќе се борат Хрватска и Србија. Избраниците на Горан Кузманоски ги совладаа сите пречки на патот до финалето, а Израелците имаа еден нерешен резултат и можеби изненадувачки се во финалето, но вчера во полуфиналето против Хрватска покажаа желба и квалитет. Ако нашите одиграат на своето ниво, победата нема да изостане.
„Благодарност до играчите, покажаа карктер иако не беа лесни последните два меча против Саудиска Арабија и против Србија. Одбраната го реши победникот против Србија, им реков на момците ако го спроведеме нашиот систем нема да имаме проблем.
Реално пред почетокот на Светското училишно првенство амбициите беа да играме финале и да освоиме медал, тоа го исполнивме. Морам да напоменам дека ние дојдовме од Медитерански Игри, доста играчи се преморени, никој не знае дека шест-седум играчи имаа вирус, не можеа од кревет да станат, само доаѓаа за да одиграат натпревар и си одеа. Но, сето тоа заедно го пребродивме, се пласиравме во финалето и се надевам на добра игра. Финале е секој може да победи“, изјави селекторот Горан Кузманоски.
Македонија е ракометна земја, таленти секогаш сме имале, а тоа се покажа и на ова првенство. Евентуалните титули ќе бидат само круна и потврда на тој квалитет кој во иднина ќе треба да се надградува за да имаме поголеми успеси и во сениорска конкуренција.

