Денес е најважниот датум во историјата на МЗТ Скопје и на Манчестер јунајтед (фото+видео)

Датумот 6 ноември засекогаш ќе се памети како најважен во историјата на македонската кошарка. Точно пред 24 години, во 1996 година, МЗТ Скопје Аеродром ја забележа фамозната победа над Реал Мадрид со минимални 69:68 во преполната сала „Јане Сандански“, во рамките од тогашниот Сапорта куп.

Моментот за историја, кога тишина беше потребна, се случи на три секунди пред крајот на средбата. Перо Блажевски застана на линијата за слободни фрлања и беше успешен во двата наврати, а со погодените пенали, Блажевски ги постави конечните 69:68 за ерупција во старата сала на скопскиот кошаркарски гигант.

Шпанскиот гигант беше апсолутен фаворит. Со Жељко Обрадовиќ на клупата, а Дејан Бодирога на теренот, Кралскиот клуб веруваше дека лесно ќе помине во Скопје. Сепак, играчите на МЗТ не мислеа така. Врбица Стефанов, Мирза Куртовиќ, Тони Симиќ, Игор Михајловски, Дејан Димов, Марк Дин, Перо Блажевски и Ѓорѓи Књазев лавовски се бореа на теренот, а предводени од Александар Књазев од клупата, станаа кошаркарски херои за кои уште долго време ќе се зборува.

Сегашниот предводник на Кралевите, Пабло Ласо, беше дел од екипата која загуби во Скопје, а моментално е еден од најуспешните тренери во историјата на Реал.

Точно 10 години порано, на 6 ноември, историјата на Манчестер јунајтед ќе биде потполно сменета во позитивна смисла поради еден човек. Сер Алекс Фергусон беше назначен за менаџер на Црвените ѓаволи, несомнено најсупешниот стратег во клупската историја.

Цели 26 години Сер Алекс беше на кормилото на Јунајтед, а првиот од вкупно 38 трофеи го освои по четири години откако ја презеде одговорноста. Почна со пехар во ФА купот, заврши со 13-тата титула во Премиер лигата освоена во сезоната 2012/13, што е и последна за гигантот од „Олд Трафорд“.

Меѓу бројните трофеи, се бројат две титули во Лигата на шампионите, еден во Светското клупско првенство, а под неговата палка играа многу фудбалски великани, како: Дејвид Бекам, Ерик Кантона, Рој Кин, Вејн Руни, Кристијано Роналдо, Немања Видиќ, Рио Фердинанд, браќата Гери и Фил Невил, како и сегашниот стратег на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер.

Дека Сер Алекс е незаменлив, покажа времето откако го отстапи тренерското столче на „Театарот од соништата“, со надеж дека наскоро Манчестер повторно ќе биде шампион и без негова помош.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести