Денеска е голем ден за македонската кошарка

Македонскиот национален тим за кошаркари до 16 години, денеска во италијанскиот град Удине го почнува настапот на Европското првенство во оваа возрасна категорија. Кадетите се првиот тим во младинските категории после 12 години кој игра на главно ЕП, а не во Б дивизија. Прв противник е Шпанија од 14.15 часот.

Во 2007 година, младинците до 20 години, учествуваа на ЕП кој истотака се играше и во Италија, во Гориција, заедно со Нова Горица во Словенија. Сега првенството е во Удине, град кој истотака е блиску до границата на Италија со Словенија. Во Удине е и фудбалерот Илија Несторовски, кој ако има време, можеби ќе им дава поддршка на нашите таленти.

Репрезентативците до 16 години кои ги избра селекторот Денис Дервишевиќ, во подготвителниот период тренираа во Скопје, одиграа пријателски натпревари на домашен и на гостински терен, а непосредно пред заминувањео одработија и подготовки во Маврово за финално темпирање на формата.

На континенталниот собир во Удине, Македонија е во групата Б. Првиот меч е денеска со Шпанија, утре е дуелот со Израел, а в недела против Летонија. Потоа следува осминафинале, во кое се вкрстува со екипите од групата А, во која се Русија, Италија, Германија и Хрватска. После осминафиналето, ќе се знае дали ќе се бориме во плејофот или за опстанок. Од А дивизија во која играат 16 селекции, испаѓаат три.

Во тимот се момчиња родени во 2003 година, а помлад, роден 2004 е само центарот Теодор Симиќ, кој е член на Барселона. Тој е единствениот двометраш во тимот.

- Оглас -

Најнови вести