Денеска се чека историска одлука – исфрлање на Реал Мадрид и Јувентус!?

Европската фудбалска федерација (УЕФА) денеска ќе има состанок на кој може да бидат донесени драконски мерки против Реал Мадрид и Јувентус. Најтрофејните клубови во Шпанија и Италија се предводниците на „бунтовниците“ кои создадоа нова европска Сулерлига, а која треба да ја сруши сегашната Лига на шампиони.

Засега планот за Суперлигата е неуспешен откако најголем дел од предвидените 12 клубови се откажаа по неполни 48 часа откако објавија дека прифаќаат да бидат дел од новото натпреварување. Претседателите на Реал Мадрид и Јувентус, Флорентино Перес и Андреа Ањели, не се откажуваа од идејата за новосоздадената лига, па токму затоа може да има драстични последици за овие европски гиганти.

Како прва опција на состанокот на УЕФА е дека Реал Мадрид може да биде исфрлен од годинашната Лига на шампиони. Кралевите се дел од полуфиналето каде што треба да играат против Челзи. Сепак, оваа варијанта за директна елиминација на Реал ќе ја наруши и регуларноста на натпреварувањето, па е малку веројатна.

Втора опција е Реал Мадрид и Јувентус да добијат едногодишна суспензија од УЕФА, па следната сезона воопшто да не бидат дел од натпреварувањата на Европската федерација. Доколку тоа се случи, двата гиганти ќе претрпат и тежок финансиски удар затоа што токму од натпреварите во ЛШ се добива голем дел од „финансискиот колач“.

Нема сомнеж дека ако добијат каква било казна, Реал Мадрид и Јувентус ќе ја бараат правдата во судот во Лозана.

 

- Оглас -

Најнови вести