Вистински спортски празник во Кавадарци за „Денот на спортот“ во рамките на Плазма Спортските игри за млади. Околу 1.000 дечиња уживаа во големиот спортски настан, кој за првпат се одржува во Македонија.
Беше вистинско задоволство да се видат бројни насмевки на едно место, а сите заедно испратија силна порака – Македонија има златна спортска иднина.
Во незаборавна атмосфера и ферплеј игра, младите „симовци“ се натпреваруваа во: Coca Cola Cup 2011, футсал 2015, баскет 3х3 во машка и женска конкуренција, народна и атлетика. Секој спорт донесе неизвесност и многу возбудувања.
Поттикнувањето на спортскиот начин на живот, инклузијата, толеранцијата и другарството меѓу децата и младите е главната мисија на најголемиот спортско-аматерски настан во Европа – Плазма Спортските игри за млади, веќе цели 30 години. СИМ овозможува бесплатен спорт за сите деца, создавајќи еднакви можности и простор за развој на младите таленти.
Младите спортисти беа поздравени од претседателката на Плазма Спортските игри за млади во Македонија, Елена Мицковска, градоначалничката на Неготино, Марија Нацева, и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој свечено ги прогласи Игрите за отворени.

Капитенот на ФК Тиквеш, Александар Вареловски, капитенот на ГРК Тиквеш, Марјан Велков, капитенот на КК Тиквеш Голден Игл, Тодор Златев и капитенката на Пробаскет, Лиле Ѓорѓиева, заедно со маскотата „Виктор“ и младите дечиња го донесоа факелот и симболично го означија почетокот на СИМ.
Претседателката на Плазма Спортските игри за млади во Македонија, Елена Мицковска, ги поздрави сите дечиња, потенцирајќи го значењето на Игрите, чија примарна цел е бесплатен спорт за секое дете.
„Се радувам што „Денот на спортот“ е токму денеска во Кавадарци. Почитуван градоначалнику на Кавадарци, Митко Јанчев, почитувана градоначалничке на Неготино, Марија Нацева, почитувани колеги и колешки, драги деца и новинари. Навистина се радувам бидејќи спортот обединува, спортот нè прави подобри луѓе.
Тука од Кавадарци испраќаме силна порака дека Македонија има добра иднина. Голема благодарност до Општина Кавадарци и до моите драги колеги и колешки од Општинскиот сојуз, кои во изминатиот период безрезервно работеа за уште еден успешно организиран настан.
Кавадарци покажа дека е одличен домаќин, покажа дека вложува во спортот. Кавадарци е град од којшто потекнуваат врвни спортисти. За мене овој град буди посебни емоции бидејќи моите почетоци во кошарката ги започнав токму тука и изградив многу пријателства.
Вие, драги деца, преку Плазма Спортските игри за млади имате еднаква шанса да учествувате, да се натпреварувате и да другарувате. Најважно е преку спортот да градиме вистински вредности, ферплеј игра и толеранција. Ви посакувам убав ден, полн со насмевки и да си заминете дома со убави спомени. Нека победат најдобрите.
И да не заборавиме дека најдобрите ќе бидат дел од големото завршно финале во Сплит“, истакна Мицковска.

На големиот настан беше присутна и градоначалничката на Неготино, Марија Нацева, која на сите натпреварувачи им посака успех.
„Ми претставува огромна чест и задоволство што како градоначалничка на Општина Неготино сум присутна меѓу вас и сум дел од „Денот на спортот“ во рамките на Плазма Спортските игри за млади, на кој учество ќе земат и ученици од основните училишта од нашиот град.
Ова е проект кој има социјален карактер бидејќи преку спортување и другарување младите се поврзуваат, се запознаваат и се забавуваат. Благодарение на одличната соработка што ја имаме со Министерството за спорт и Федерацијата на училиштен спорт на Македонија, особено со претседателката Елена Мицковска, денес и учениците од нашиот град се дел од едно ново поглавје.
Тие се дел од младинскиот спорт и заедно со своите врсници ќе можат да се натпреваруваат, учејќи за важноста на физичката активност и соработката, како и да го доживеат спортот како безбедна и охрабрувачка средина. На сите натпреварувачи им посакувам успех – нека победат најдобрите!“, истакна Нацева.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, ги поздрави дечињата, истакнувајќи ја важноста на спортот и вредностите што се градат преку него.
„Денеска како градоначалник имам голема чест и задоволство што заедно со Општина Кавадарци, Федерацијата на училиштен спорт на Македонија и нашите партнери, по три децении, имаме можност и во Кавадарци да играме во духот на спортскиот натпревар, заедницата и дружењето.
Се радувам што ве гледам во голем број и насмеани. Очекувам да создадете нови пријателства и заеднички успеси. Спортот не е само победа – тој остава трајни животни вредности. Ги прогласувам Игрите за отворени“, порача грдоначалникот на Кавадаарци, Митко Јанчев.

„Денот на спортот“ имаше спектакуларно отворање во Скопје, а потоа се одржа во Куманово, Штип, Кочани, Струмица, Велес и денеска во Кавадарци. Караванот продолжува утре во Прилеп.
Заедно со нашите „симовци“ создадовме нови незаборавни моменти и дружби со Кока-Кола, Шпаркасе банка, Шпаркасе лизинг и Плазма.
ИГРИТЕ ЗА ЗАКОН
Повеќе информации за Плазма Спортските игри за млади можете да прочитате на: https://sportskiigrizamladi.com/


