Дерби на денот на ЕП: Победникот ќе обезбеди место во полуфиналето

Франција и Русија играат денеска во дербито на Европското ракометно првенство за жени. По досега одиграните четири меча, двете селекции редеа само победи, а најтешко им беше во синоќешните дуели, кога се радуваа на минимани победи. Галските петли со 26:25 ја победија Шпанија, додека Русија со 24:23 беше подобра од Црна Гора.

Поради темпото на игра, вечерва еден од клучните фактори сигурно ќе биде свежината и физичката подготвеност, затоа што навистина е тешко да се одиграат два меча во два дена. Франција и Русија последен пат играа во финалето на Европското првенство од пред две години, кога Триколорите се радуваа на златото, победувајќи со 24:21. На ова ЕП играа и во првата групна фаза, а тогаш победи Русија со 26:23.

Традицијата вели дека во последните 13 меѓусебни дуели, резултатот е 7-6 за Русија, што само покажува дека секогаш е неизвесно и никогаш предвреме не се знае победникот. Од тие 13 натпревари, дури седум завршиле со три или помалку разлика. Победникот на денешниот меч сигурно ќе обезбеди место во полуфиналето на ЕП.

Во вториот меч што вечерва се игра на континенталниот собир, Данска ја има фаворитската улога против соседот Шведска.

 

- Оглас -

Најнови вести