Дербито на Италија што знае да ги скара и политичарите

Јувентус и Интер ќе го играат вечерва 239-от меѓусебен меч во сите натпреварувања, а ривалството кое трае долго честопати ги креваше тензиите во Италија на највисоко ниво, па дури кавги имаше и во Парламентот.

Само во Серија А двата регионални ривали имаат одиграно 170 натпревари, па вечерва во Торино од 20.30 часот на ред е мечот број 171.

Јувентус има многу повеќе успех во популарното Дерби на Италија и вкупно има 108 победи, со 57 нерешени дуели и 73 порази.

Новинарскиот блесок на Џани Брера во 1967 година доведе до епитетот Дерби на Италија за дуелите меѓу Јувентус и Интер. Секогаш било жестоко меѓу ривалите од Северна Италија, а особено тензично стана со аферата Калчополи, кога на Јувентус му беа одземени титули и клубот беше преселен во понизок ранг, а Интер ќари два пехари на сметка на Старата дама.

Првиот инцидент се случи веднаш по војната во 1946 година, а од Интер протестираа поради преголемото влијание на семејството Ањели во фудбалската федерација на Италија. И тимот на терен истрча со јуниори, а Јувентус им ја наполни мрежата и победи со 9:1.

Тогаш Омар Сивори постигна шест голови против надежите на „нероаѕурите“ и во 1946 година ја освои Златната топка или популарниот „Ballon d`Or“.

Недоразбирањата меѓу двата клуба беа чести, а повторно беше жешко во 1998 година, кога за еден недосуден пенал за Интер, расправијата меѓу симпатизерите на Јувентус и на Интер се пресели во Парламентот.

„Сите се тие крадци“ урлаше Доменико Грамацио од Националната алсијанса на Италија кон колегата од Демократската партија Масимо Мауро. Мауро е поранешен фудбалер на Јувентус и возврати кон Грамацио дека „Секогаш ќе бидат мал клуб во однос на Јувентус“, по што настана хаос, а имаше и казни за пратениците во Парламентот.

По познатото „Калчополи“ пред повеќе од десеттина години тензиите малку стивнаа, иако имаше нови недоразбирања, но тоа е секогаш така кога играат големите ривали во Дербито на Италија.

 

- Оглас -

Најнови вести