Полјакот Роберт Левандовски минатото коло го изедначи рекордот на Герд Милер по бројот на голови во една сезона во Бундеслигата и покажа дека нема невозможни нешта, а сега е пред мисија тој да постави рекорд и да влезе во историјата на германскиот фудбал. Леви има 40 гола сезонава, нешто што многумина мислеа дека е невозможно, па сега се јавуваат легенди како Дитмар Хаман, кои бараат од Левандовски да остане на 40 погодоци бидејќи „не е во ред“ да ја надмине најголемата голгетерска легенда на Баерн.
„Од почит кон Герд Милер, Левандовски не треба да игра против Аугсбург“, рече Хаман.
Левандовски вели дека ако игра, секако ќе се обиде да постигне гол.
„Не сум свесен дека се соочувам со нешто толку големо. Не верував дека може да го урнам тој рекорд. Треба на мечот да му пристапам со смиреност и без притисок, иако знам дека многумина очекуваат да дадам гол. Секако, ќе сторам сè за да постигнам барем еден гол“, вели Левандовски, кој 40-те гола ги даде само на 28 меча сезонава и тоа е спектакуларно.
На Милер за 40 гола во сезоната 1971/1972 му требаа одиграни 32 средби, што е просек од 77 минути за секој гол. Левандовски даде гол(ови) на 24 од 28-те меча на коишто играше и само против Лајпциг не успеа да даде гол. Просекот му е гол на секои 58 минути игра. Над 40 голови во една сезона досега се даваа само во шпанската лига, каде што има и два тима повеќе отколку во Бундеслигата. Лионел Меси е единствен што постигнал 40 гола на помалу од 28 меча.