Џабе и ВАР-системот, Астон вила даде гол по непостоечки корнер и направи пресврт

Астон вила со 2:1 го победи АЗ Алкмар во меч од четвртото коло на Конференциската лига на УЕФА и со тие три бода речиси го обезбеди местото во нокаут-фазата. Англискиот тим има девет бода, колку што има и Легија, додека Аз Алкмар и Зрињски останаа само на три бода. До крајот на групната фаза има уште две кола.

Синоќешната победа на Астон вила во Бирмингам против холандскиот тим ја одбележа еден скандалозен момент, кој на крајот се покажа и како еден од решавачките за конечниот исход.

АЗ Алкмар водеше со 1:0 со голот во 52-рата минута, но Астон вила брзо израмни. Во 61-вата минута домашниот фудбалер Камара имаше одлична шанса за погодок, но шутираше над голот. Сите чекаа топката да ја добие голманот на гостите, но судијата Луис Годин изненадувачки досуди корнер, мислејќи дека ударот на Камара бил блокиран. Играчот на АЗ Алкмар сакаше да го блокира ударот на Камара, но беше далеку од противникот и воопшто немаше допир со топката, но арбитерот досуди корнер.

Во еден ваков случај, џабе е ВАР-системот кога правилата велат дека дополнителна помош од технологијата не се користи кога се работи за досуден корнер.

Токму по изведувањето на тој „непостоечки“ корнер, Диего Карлос даде гол и израмни на 1:1, што им даде дополнителен мотив на домаќините, кои направија целосен пресврт со погодокот на Воткинс во 81-вата минута и стигнаа до победа.

- Оглас -

Најнови вести