Џад Трамп е нов светски шампион во снукер

Џад Трамп е нов светски првак во снукер откако во финалето на шампионатот во Шефилд го совлада легендарниот Џон Хигинс со 18-9 во фрејмови. Ова 29-годишно момче од Бристол му се одмазди на Шкотланѓанецот Хигинс за поразот од него во финалето во 2011 година.

Трамп патот до титулата си го отвори вчера, кога во втората серија доби дури осум партии по ред, па по водството на Хигинс од 5-4, Трамп направи невидена низа по која водеше со 12-5. Денеска тој само рутински го приведе финалето при крај и дојде до својата прва титула, која му носи и добивка од 500 илјади фунти. Трамп од седмото ќе се искачи на второто место на светската ранг-листа.

Ова финале е рекордно по бројот на направени троцифрени брејкови, ги имаше дури 11. Денеска двајцата испуштија добра шанса да направат максимален брејк од 147. Четирикратниот светски првак Хигинс трета година по ред губи во финалето, но сезонава тој не е во форма, па и пласманот во финалето е успех за него. Трамп по осум години е првиот кој станал светски првак, а бил помлад од 30 години.

„Имав среќа што за да го гледам финалето, не морав да платам билет. Не очекував финале, а кога дојдов, налетав на непобедлива машина. Џад беше феноменален, ако игра вака, и во иднина ќе освојува светски првенства“, рече 43-годишниот Хигинс.

- Оглас -

Најнови вести