Џејмс Вудард утна влез на МЗТ во елитната АБА-лига

МЗТ Скопје Аеродром и Задар сепак во трет натпревар во Задар на 30 април ќе одлучуваат која од овие две екипи ќе игра во главната АБА-лига во следната сезона. Македонскиот тим испушти златна шанса да го елиминира хрватскиот претставник. Задраните победија во „Јане Сандански“ со 78-77.

Лука Жориќ погоди едно слободно фрлање на 13,7 секунди до крајот за 78-76 за Задар, а МЗТ имаше напад за изедначување или победа. Беше направен фаул над Џејмс Вудард на 9,2 секунди. Американецот го погоди првото, го утна второто слободно фрлање, но ветеранот Жориќ згреши и МЗТ доби шанса за победа. Вудард реши сам да ја има судбината во свои раце, но не реализираше.

„Металците“ подобро го отворија натпреварот, во првата четвртина имаа константно водство, кое на моменти беше и со двоцифрена разлика. Кај гостите имаше само еден расположен играч, Литл, и тој спречи разликата да не биде поголема.

Во вториот квартал домашните не беа толку ефикасни, па Задар дојде и до изедначување, но во финишот МЗТ со серија од 10-2 повторно создаде солидна предност.

Задраните беа за нијанса подобри во третиот период, па во последната четвртина се влезе со 58-56 за „штрковите“. МЗТ имаше голем проблем во нападот, тешко го наоѓаше патот до кошот на Задар, па Хрватите и поведоа со 63-61, по што почна резултатска нишалка со менување на водството на двете страни, додека гостите не отидоа на 71-67 на три минути до крајот, а Дашиќ со забивање за 75-69 најави победа на Задар.

Кај МЗТ, само шестмина играчи даваа поени, а кај гостите деветмина. Вудард беше најрасположен со 26 поени, но кога требаше да даде кош за триумф, не погоди.

ПОДДРШКА ОД КАНДИДАТИТЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МКФ

На трибините во „Јане Сандански“ беа и кандидатите за претседател за МКФ, Перо Антиќ и Владимир Темелковски, кои не пропуштија можноста да се појават на еден од најважните меѓународни мечеви кои може нашата кошарка да ја однесат чекор напред. Тие со аплaузи ги наградуваа добрите потези на македонскиот тим, а седеа далеку еден од друг.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести