Џиџи со добротворен тикет ќе носи еден милион во Вардар!

Никола Илиевски – Џиџи, тренерот на Вардар, се приклучи на нашата хуманитарна акција и состави неверојатно богат добротворен тикет со астрономска потенцијална добивка од еден милион денари. Илиевски се надева дека неговото типување ќе биде успешно, со цел да може средствата да ги намени за спас на Вардар. Неговиот тикет содржи и исклучително висок вкупен коефициент од 11.245.

Непосредно пред почетокот на пролетниот дел од сезоната, Илиевски по вторпат во својата тренерска кариера ја презеде клупата на актуелниот македонски шампион, како замена за Александар Васоски. Џиџи вели дека воопшто не се двоумел да ја прифати понудата бидејќи многу убави спомени го врзуваат за најтрофејниот фудбалски клуб во нашата земја.

„Без двоумење прифатив да му помогнам на клубот кога ме побараа одредени луѓе. Без разлика дали имав понуди од надвор, решив да дојдам во Вардар и да помогнам бидејќи и јас потекнувам од овој клуб уште од своите пионерски денови. Многу спомени ме врзуваат за клубот, а верувам дека и денес овие играчи кои ги бранат боите на Вардар ги врзуваат убави спомени, затоа и останаа да бидат дел од екипата. Морам да напоменам дека имаме најголема благодарност до Комитите, кои организираа да почнеме со тренинзите на два дена во пресрет на дуелот против Пелистер. Комитите се со нас до самиот крај, го сакаат клубот и затоа  ни овозможија да се подготвиме за вториот дел од сезоната, а нам ни останува да им возвратиме на најдобар можен начин“, истакна Илиевски.

Вардар во вториот дел од сезоната уште чека на победа откако во првите три кола во пролетниот дел издвои реми против Пелистер, а потоа загуби на две последователни гостувања во Тетово од Шкендија и Ренова.

„Двете гостувања во Тетово во период од три дена дојдоа во незгоден час за нас, каде што загубивме против две доста организирани екипи. Непријатно е сè она што се случува во Вардар, меѓутоа мора да се носиме со сите проблеми. Секако дека ќе се обидеме да обезбедиме опстанок во елитата. Не се сомневам дека ќе успееме да ја оствариме таа цел бидејќи потполно имам доверба во играчите што ми се на располагање, кои сите имаат голема желба, срце и гордо го носат вардаровиот дрес“, изјави Илиевски.

Црвено-црните во недела го пречекуваат составот на Струга Трим Лум, екипа против која Вардар претходно оствари две чисти победи на домашен терен без примен гол, па Илиевски се надева дека токму во овој меч ќе се вратат позитивните резултати за актуелниот македонски првак.

„Атмосферата во нашата соблекувална е на задоволително ниво, но јасно е дека нема да ни биде лесно против Струга в недела. Меѓутоа, верувам дека со натчовечки сили сите играчи ќе го дадат максимумот за да оствариме победа“, додаде популарниот Џиџи.

Како долгогодишен фудбалски работник и своевремено селектор на македонската репрезентација, Илиевски ја водел Македонија против светски играчи, како Дејвид Бекам, Пол Сколс, Луис Фиго и многу други, но од европските гиганти најголем впечаток му имаат оставено Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.

Токму во неговиот милионски добротворен тикет се типувани Кралевите и Црвените ѓаволи, кои во претстојниот викенд играат градски дербија против Атлетико Мадрид, односно Манчестер сити, во кои Илиевски очекува голеади.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести