Џордан продава дел од акциите на Хорнетс

Шесткратниот НБА-првак и сопственик на Шарлот хорнетс, Мајкл Џордан, договори продажба на дел од акциите на оваа франшиза. Легендата на Чикаго булс најде инвеститори од Њујорк, но посочи дека и натаму ќе раководи со клубот.

„Возбуден сум што ќе соработувам со Гејб Плоткин и Даниел Санхајм како мои партнери во Хорнетс. Тие ја делат мојата посветеност кон франшизата и страст кон кошарката, со нетрпение чекам да учам од нив како се раководи еден клуб кон успех. Со нивната инвестиција ние ќе продолжиме да се развиваме и да го направиме Шарлот еден од најдобрите тимови во НБА-лигата. Јас и понатаму одлучувам за сè што се однесува во врска со франшизата“, истакна Џордан за официјалната веб-страница на Хорнетс.

Џордан ја купи НБА-франшизата од Северна Каролина во 2010 година за 275 милиони долари, а според „Форбс“, вредноста на Шарлот сега е 1,3 милијарди долари и е меѓу најлошорангираните франшизи според вредност во најатрактивната кошаркарска лига во светот.

Во девет сезони откако Џордан е сопственик, екипата на Хорнетс само двапати успеа да се пласира во разигрувањата и претрпе елиминација уште во првата рунда.

- Оглас -

Најнови вести