Џорџ Расел ја освои втората пол-позиција во својата Формула 1 кариера и ќе ја започне трката за ГН на Канада од првиот стартен ред.
Расел триумфираше во битката за пол-позицијата на патеката „Жил Вилнев“ со време од 1:12.000, а неверојатно, исто време постигна и Макс Верстапен.
Сепак, светскиот шампион го забележа овој резултат во своето второ излегување во третата квалификациска сесија, додека Расел го направи тоа во првиот обид и ја искористи предноста.
Така, по вторпат во историјата на Формула 1, разликата меѓу првите двајца во првиот стартен ред е практично – нула.
Последен пат тоа се случи на Европското Гран При во Херез во 1997 година, кога Жак Вилнев, Михаел Шумахер и Хајнц-Харалд Френцен поставија еднакви времиња и стартуваа од првите три позиции.