Џурасик Парк полуде од радост, Торонто има шампионски ѕверки (Видео)

Торонто репторс ја освои првата историска титула во НБА лигата со победа од 114:110 во шестиот меч од финалната серија против сега веќе поранешниот првак Голден стејт вориорс.

Популарните Рептили ја добија серијата со 4:2 и ги доведоа до делириум своите навивачи, кои во голем број го следеа мечот во Џурасик Парк во Торонто.

Во драматична завршница Фред Ван Флит беше сензационален со 22 поени, дури 18 од нив во последната четвртина. Човекот што за малку ќе беше избркан од клубот во чистката во 2016 година се претвори во херој на Торонто на патот до првиот шампионски пехар во НБА лигата.

Новите шампиони имаа квартет кошаркари со 20, или повеќе поени во решавачкиот меч, а покрај Фред се истакнаа и Кајл Лаури со 26 поени, асистенции и 7 скока, Паскал Сиакам со ист број на поени и 10 скока и Кавај Ленард со 22 поени.

Токму Ленард стави точка за крај со три погодени слободни фрлања по ред во последните моменти од мечот. При резултат 111:110 за Торонто, гостите несмасно ја загубија топката, но Стефон Кари промаши за тројка.

Топката се одби во гужвата до Дрејмонд Грин, кој направи кардинална грешка и побара тајм-аут, иако домаќините немаа право на такво нешто. Беше досудена техничка грешка, Ленард погоди, а потоа беше и фаулиран од Игудала што значеше и крај на финалната серија. Кавај беше ладнокрвен и погоди уште две слободни фрлања за голема радост во таборот на новите шампиони.

Клучен момент во шестиот меч сепак се чини беше повредата на Клеј Томпсон во третата четвртина. Бекот на Голден стејт го повреди коленото во обид да забие, потоа се врати да ги изведе слободните фрлања, но тука за него беше и крајот.

До тој момент Томпсон беше најдобриот кошаркар кај домаќините со 30 поени и пет скока. Неговата повреда беше капак на проблемите на Воините, бидејќи во голем дел од финалната серија не играше и Кевин Дурант.

Андре Игудала одигра одлично, постигна 22 поени, Кари имаше 21 поен, а Дрејмонд Грин забележа трипл-дабл со 11 поени, 19 скока и 13 асистенции, сепак недоволно за продолжување на финалето и евентуална мајсторка.

Посебна причина за славје има Марк Гасол, кој во вистински момент беше трејдуван во Торонто од Мемфис, екипа која не играше во плејофот. Сега Марк и Пау Гасол се единствениот тандем браќа во НБА лигата што имаат титули. Пау Гасол има два шампионски прстени, и двата со Лос Анџелес лејкерс.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести