Ди Монтеѕемоло: Хамилтон ќе беше првак и со Ферари

Доколку Луис Хамилтон на располагање го имаше болидот на Ферари, ќе ја освоеше титулата во 2018 година, смета поранешниот претседател на „црното коњче“, Лука ди Монтеѕемоло. Италијанецот ги пофали возачките квалитети на Британецот, кој со Мерцедес дојде до петтата титула во Формула 1.

„Хамилтон ја имаше најдобрата година во неговата кариера. Имаше и моменти на слабост и криза, но и да го имаше болидот на Ферари, ќе беше шампион. Не ми е намерата да го потценам Фетел, тој имаше шанса со компетитивен болид. Овој тим на Ферари е многу поразличен од оној во 2014 година кога си заминав. И според менталитетот и според персоналот. Ферари имаше добар болид годинава, во некои работи беше подобар од Мерцедес, но како да му недостасуваше завршниот дел“, изјави Ди Монтеѕемоло.

Ексшефот на Ферари потсети дека и на Михаел Шумахер не му одеше најдобро во првите години во црвениот болид.

„И Михаел правеше грешки на почетокот, но внатре во тимот разговаравме отворено и имавме поддршка од навивачите. Фетел правеше клучни грешки, но тој е добар пилот и треба да му се даде поддршка по оваа фрустрација“, додаде Лука, кој смета дека и новиот возач на Ферари, Шарл Леклерк е одлично решение како замена за Кими Раиконен.

- Оглас -

Најнови вести