Пауло Дибала се надева дека ќе го продолжи договорот со Рома и ќе остане во клубот и следната сезона, и покрај понудите од Аргентина и Турција, пишува „Кориере дело Спорт“.
Аргентинецот веќе три месеци се опоравува од повреда, но се надева дека ќе биде подготвен за натпреварот против Болоња. До истекот на неговиот договор со Рома остануваат уште околу 70 дена, а сè уште нема конечна одлука дали ќе остане на „Олимпико“ и следната сезона.
Сепак, и покрај интересот од странство, фудбалерот е решен да остане и е подготвен да прифати значително намалување на платата, во замена за бонуси поврзани со неговите настапи. Тоа би можело да биде клучен чекор кон постигнување нов договор и задржување на „Ла Хоја“ во редовите на Рома.
Во меѓувреме, уште еден офанзивен играч на Волчицата, Стефан Ел Шарави, ќе го напушти клубот по истекот на договорот летово. Меѓу заинтересираните за негов ангажман како слободен агент е и неговиот поранешен клуб Џенова.

