Играчот за врска на Манчестер jунајтед, Коби Мејну, постигнал договор за нова соработка со клубот, пренесуваат повеќе релевантни медиуми од Англија. Фудбалерот ќе потпише петгодишен договор со плата од 150.000 фунти неделно, што е околу четири пати повеќе од неговата сегашна заработка.
Ова претставува значаен потег за клубот од „Олд Трафорд“, кој подолго време водеше преговори со цел да ја обезбеди иднината на еден од своите најперспективни млади играчи. Се очекува продолжувањето на договорот официјално да биде објавено по завршувањето на сезоната.
Ова е импресивен пресврт во ситуацијата на Мејну, кој добиваше многу ограничена минутажа кај поранешниот менаџер Рубен Аморим. Токму тоа доведе до бројни шпекулации дека би можел да го напушти клубот уште во зимскиот преоден рок. Сепак, околностите драстично се променија по доаѓањето на Мајкл Карик.
Под водство на привремениот менаџер, Мејну брзо се наметна како еден од клучните играчи во тимот и повторно ја зацврсти својата позиција. Новиот договор е јасен показател дека на „Олд Трафорд“ сериозно сметаат на него и планираат иднината на Манчестер јунајтед да ја градат околу својот младинец.

