Дибиров: Со поддршка од навивачите до победа во најважниот меч

Ракометниот првак Вардар ги започна подготовките пред најверојатно најважниот меч сезонава во Лигата на шампионите. В среда во „Јане Сандански“ ќе гостува Загреб. Тоа ќе биде директен дуел во борба за шестото место во групата, последно кое води во следната фаза од елитното натпреварување на ЕХФ.

Тимур Дибиров со Вардар освои две европски круни и многу добро знае како е да се игра под притисок на важноста на средбата. Искусното крило на Вардар вели дека сега е најпотребна и поддршката од трибините, што значи дека и навивачите ќе имаат голема улога во остварување на целта.

„Добро е што ќе играме дома во вториот дел од сезоната. Очекуваме голема поддршка за важниот натпревар. Во добра серија сме, играме подобро од претходно. Имаме тежок распоред со многу натпревари и патувања, но ќе бидеме концетрирани на Загреб. Од нас ќе зависи колку добро ќе се подготвиме и ќе се држиме до планот. Знаеме дека Загреб е добра екипа, во добра форма, но јас сум оптимист и се надевам дека ние ќе победиме. На домашен терен очекуваме само победи”, рече Дибиров.

- Оглас -

Најнови вести