Холандија никогаш не била светски фудбалски првак, но оваа селекција често се наоѓа на листата на фаворити за највисок пласман. Така е и сега, пред почетокот на Мундијалот во САД, Канада и Мексико. Популарните Лалиња секогаш имале одлични индивидуалци, фудбалери кои со еден потег може да го решат мечот. Низ историјата на планетарните собири, Холандија трипати играше во финале на СП, но никогаш не стана светски владетел. Последен пат во финалето играше во 2010 година, кога по продолженија загуби од Шпанија со 2:1.
На последниот Мундијал, Холандија стигна до четвртфиналето, каде што беше елиминирана од Аргентина на пенали. Подоцна Гаучосите станаа светски прваци. Сега првичната цел на Холандија е да стигне до полуфиналето, но селекторот Роналд Куман воопшто не сака да е скромен и атакува на златниот медал.
„Имам некое позитивно чувство и мислам дека може да го оствариме најдоброто. Наша цел е да го освоиме Светското првенство“, неодамна рече Куман.

Холандија во групната фаза ќе игра против Јапонија, Шведска и Тунис. Критичарите го обвинуваат Куман дека е премногу предвидлив во својата тактика, каде што постојано се става акцент на традиционалната 4-3-3 офанзивна филозофија. Куман како фудбалер играше во дефанзивната линија и сите очекуваат овојпат тој да посвети повеќе внимание и на одбраната во тимот.

