Димитриевски ги излуде Кралевите: Винисиус сакаше да се пресмета со Столе по мечот, Македонецот шмеќарски одговори (Видео)

Голманот на македонската репрезентација Столе Димитриевски синоќа одигра фантастичен меч на „Сантијаго Бернабеу“ не дозволувајќи неговиот тим Рајо Ваљекано да прими гол и со неверојатните одбрани ги излуде ѕвездите на Реал Мадрид.

Токму со една од најголемите ѕвезди на Кралевите, Винисиус жуниор, имаше вербален дуел и кој сакаше физички да се пресмета по мечот.

Натпреварот во финишот мораше да биде прекинат на неколку моменти за да може на Димитриевски да му се укаже лекарска помош, а откако играта продолжи, Винисиус му пријде на Димитриевски и му рече: „Јас и ти, надвор, ти и јас, надвор“.

По мечот, Димитриевски, кој беше прогласен за најдобар играч на натпреварот, во изјава за емисијата „Ел Чирингито“ рече дека не гледа ништо спорно во „дуелот“ со Бразилецот“.

„Ништо не се случи. Тоа е нормално на крајот. Тој сакаше да дојде до топката, но јас го истегнав зглобот и паднав. Едноставно, тоа е дел од играта и ништо повеќе“, објасни Димитриевски.

За зборовите кои Винисиус му ги кажа при расправијата, Димитриевски рече дека „тоа се работи кои остануваат на теренот“.

„Тие се нормални работи што можат да се случат. Беше урнебесно и јас не му придавам големо значење на тоа. Дали сум зборувал со Винисиус за да го решиме тоа? Ми велеше „се гледаме во соблекувална“, но во добар тон. Но, не се видовме. Доколку го видев, секако ќе го прегрнев бидејќи ова е фудбал“, изјави Димитриевски.

 

- Оглас -

Најнови вести