Прекинот на фудбалската сезона во првенствата ширум Европа поради пандемијата со Коронавирусот значи голема финансиска загуба за клубовите. Трендот со скратувањето плати го започнаа Калчолигашите и Бундеслигашите, а истата политика почна да се применува и на Балканот, поточно во Хрватска.
Имено, управата на актуелниот првак Динамо Загреб, каде што игра македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, одлучи да ги намали платите на играчите и тренерите, откако први вакви чекори направи хрватскиот прволигаш Осијек.
На фудбалерите и тренерите една третина од платите ќе се исплати во редовен рок. Втората третина ќе се исплати во рок од шест месеци почнувајќи од датумот на одигрување на првиот службен натпревар на Динамо, додека последната третина воопшто нема да им биде исплатена. Тоа важи и за вработените кои земаат 7.500 или повеќе куни плата.
Исто така од таборот на Модрите потврдија дека следните два подготвителни периоди ќе ги извршат во Хрватска, наместо да патуваат во странство.