Екипата на Динамо Загреб е на чекор од седмата титула по ред во првенството на Хрватска, откако вечерва успеа да го совлада директниот конкурент за титулата, Риека, и на тоа на гостински терен со 1-2.
Риека поведе преку Марко Пјаца во 49-тата минута од пенал, но капитенот на Динамо, Бруно Петкович го израмни резултатот на 1-1 во 75-тата минута. Голот за победа беше дело на Арбер Хоџа во 89-тата минута.
Македонските интернационалци, Стефан Ристовски и Аријан Адеми, беа дел од овој натпревар. Десниот бек ги одигра сите 90 минути, додека фудбалерот од средниот ред беше уфрлен во игра во 67-тата минута, кога Динамо губеше со 0-1.
Динамо Загреб сега има четири бода предност пред Риека на три кола пред крајот на првенството на Хрватска.
Риека единствената титула ја освои во 2017-тата година, кога ја прекина низата од 11 титули по ред за Динамо Загреб, кој сега е пред освојување на 25-тата титула шампион на Хрватска.