Директорот на Австралија опен порача: Семејството на Ѓоковиќ мора да биде внимателно

Директорот на Австралија Опен, Крег Тејли изјави дека семејството на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ мора да внимава каде се движат, со кој се дружат и со кој се фотографираат. Оваа препорака на Тејли дојде по фотографиите кои се појавија, а на кои таткото на Новак, Срѓан Ѓоковиќ беше во друштво на луѓе кои вееја знаме со знакот „Z“, а носеа и маички со истиот знак. Тоа е знакот кој го користи руската војска во нападите врз Украина.

„Поминав доста време во разговор со семејството на Новак. Им советував дека треба да бидат внимателни, затоа што овој настан е светски популарен и се следи насекаде. Стотици навивачи влегуваат во комплексот на Австралија опен и нормално е дека постојат и луѓе кои сакаат да направат проблем. Затоа треба да се биде внимателен. Ме разбраа се што им кажав. Лути беа затоа што погрешно беше протолкуван потегот на таткото Срѓан. Тоа не му беше намерата. Таткото на Новак не ја поддржува војната. Тие сите се за мир“, вели Тејли.

Ѓоковиќ утре ќе игра во своето јубилејно 10-то финале на Гренд слем турнирот во Мелбурн, а противник ќе му биде Гркот Стефанос Циципас.

- Оглас -

Најнови вести